Нема да има гласање во Косово за референдумот во Србија

Косовското Собранието вчера на предлог на Владата на Албин Курти забрани организирање гласање на косовска територија за референдумот во Србија. Повод за оваа резолуција беше обидот на официјален Белград да организира гласање на припадниците на српската заедница во средините со мнозинско српско население во северниот дел на Косово, за референдумот што денеска се одржува во Србија со прашање за овозможување промена на Уставот на државата.

Одлуката на Владата на Курти и вчерашната резолуција ја прекинаа праксата, која датира од 2012 година, а во која косовските граѓани од српска националност можеа да гласаат, со асистенција на ОБСЕ, на изборните процеси во Србија.

Властите во Приштина порачаа дека на косовските Срби со двојно државјанство не им се ускратува правото на гласање на референдумот во Србија, затоа што истото ќе можат да го остварат, „согласно меѓународните стандарди и практики“, преку пошта или во Канцеларијата за врски на Србија во Приштина.