Директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска присуствуваше на презентацијата на целите на работната група „Анализа на работни задачи”. На презентацијата, како што соопштија од МВР, беа наведени целните групи – униформиран полициски службеник и инспектор – истражител, поради кои се спроведува и реализира целокупниот проект.
Презентацијата се одржа во Центарот за обука на МВР во Идризово, во која партиципираат членови од Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, но и експерти од Меѓународната програма за обуки и помош за кривични истраги – ICITAP.
Од МВР потенцираат дека во рамки целите на презентацијата беше споменат комплетниот распоред на активности со определени термини на сесиите кога се комплетирани планираните задачи, платформата која е креирана конкретно за потребите на овој проект која овозможува поквалитетно спроведување на анкетирањето и добивање на брзи и конкретни податоци за дадените одговори на испитаниците од спроведената анкета.
-Исто така, беше презентиран и планот за спроведување на анкетата на ниво на целата држава со конкретни термини, локации на спроведување но и бројот на лица и служби кои ќе бидат опфатени со истата и беше истакната и потребата од понатамошната потреба од поддршка од сите присутни на презентацијата со цел успешно спроведување на следните чекори, а беше споменат и финалниот извештај кој треба да произлезе од целокупниот процес и бенефитите кои ќе ги имаат сите засегнати страни од овој проект, се наведува во соопштението на МВР.
Покрај директорот Тасевски на презентацијата биле присутни и полициското аташе раководител на канцеларијата на ИЦИТАП, Карл Кларк, директорот на Финансиската полиција, Горан Иванов, помошник на министерот за внатрешни работи од Центарот за обука, Суза Трајковска, помошник на директорот на Единицата за стратешко планирање, стандарди и контрола на квалитет, Ѓоко Котевски, помошник на директорот на Одделот за криминалистичка полиција, Оливер Лукароски, помошник на директорот на Одделот за униформирана полиција, Шефик Бајрами, помошник на директорот на ОЗРУЧР, Виолета Влаховиќ, началникот на секторот за криминалистички истраги при ОСОСК – Зафирчо Панчевски, началници на Секторите за внатрешни работи во БЈБ, началници на регионалните центри за гранично управување и раководители од царинската управа.