Чупеска-Станишковска: Дуизацијата не значи дека е можна Влада без Албанците

„Навистина ја прегрмевме 2022-ра, трета година во криза, мораме да изградиме отпорност – демократска, од кризи. Да бидеме поотпорни“ вели универзитетскиот професор на Правен факултет, Ана Чупеска-Станишковска во најновото издание на Трилинг.

Чупеска смета дека „не смееме да бидеме дефетисти, мора да изнаоѓаме начини како да се справуваме. Клучна е отпорноста, тоа се прави со без престан јакнење на институциите“.

„Улогата на политичарите е од посебно значење во атрофијата на политичката и деловната клима во земјата. Во демократските системи би требала таа да е храбра, одговорна, сега треба да се фокусираме на внатрешните реформи. Шведското претседателство во фокусот ја става безбедноста, со тоа што Западен Балкан влегува во таа рамка, за да не стане уште поголем безбедносен предизвик. Ќе се пружа помош пред се во судството и владеењето на правото“ вели професорката.

Таа наведе дека „Ахмети е право, без Албанците нема да ја биде Македонија и без Македонците нема да ја биде Македонија. Рамковниот договор треба да си го негуваме. Како на една страна ќе расте национализмот, така и на другата страна. Комуникацијата меѓу заедниците е неопходна“.

„Не би ни требало да има Влада во која нема да учествуваат албански партии, единствена партија во моментов која има вистинска мултикултурна внатрешна динамика е СДСМ“ вели Чупеска-Станишковска.

Таа посочува дека „доколку нема конфронтација во политички услови, нема да има ни политика. Мора да има конфронтација, но притоа да биде заснована на аргументи. Не со фантазии за бугаризација или албанизација“.

„Уставните измени не се тема на дневна политика, тие се претходница на деблокирање на преговарачкиот процес. Доколку предвремени избори претходат на евентуалните уставни измени, тука дебатата ќе добие тотално друга димензија, тогаш кој и да е победник на изборите, граѓаните ќе паднат во очај. Тоа е тотално погрешен правец“ вели проф. Чупеска-Станишковска.