
Во пресрет на првиот круг од изборите за претседател на Чешката Република, на 13 и 14 јануари, Чесите бараа нов шеф на државата преку оглас на Jobs.cz, каде што бараат „морален модел и управител на среќата на целото општество кој ќе стави крај на ерата на ароганција и презир кон луѓето“.
Вработувањето е на определено време од пет години со можност за продолжување на уште пет доколку работата се заврши на обострано задоволство, а како поволности ги нудат и замокот Храдчани во Прага, летниот замок Лани, патувања во странство и постојано медиумско внимание.
Огласот, судејќи по содржината, го објавија противниците на актуелниот претседател Милош Земан, кому во март му истекува вториот петгодишен мандат, последен според Уставот.
Еден од фаворитите за избор на шеф на државата е поранешниот премиер, тајкунот, петтиот најбогат Чех – Андреј Бабиш.
Шансите на Бабиш да го замени Земан на чело на Чешка се зголемија пред се со вчерашната одлука на првиот човек на синдикатот, Јозеф Стшедула, еден од деветте кандидати на изборите, да се повлече, бидејќи има поддршка од дел од левичарските гласачи до кои Бабиш е најблизок меѓудругите кандидати.
Бабиш и поранешниот шеф на Воениот комитет на НАТО, генерал Петр Павел, кој е поддржан од гласачи од десниот центар, се фаворити на изборите, а во анкетите и изборните модели секогаш се наоѓа на прво место со поддршка од околу 27 проценти од гласачите.
Трета е поранешната ректорка на Универзитетот Масарик во Брно, Дануша Нерудова, со околу 24 отсто од гласовите, додека останатите кандидати имаат поддршка само од едноцифрен процент од јавноста.