
Припадници на Жандармеријата со автобуси пристигнале во зградите на Собранието на Србија и Стариот двор во Белград. Во целиот центар на градот е засилено полициското присуство, а специјалните сили се распоредени пред зградата на Републичката изборна комисија (РИК), пишува порталот „Нова.рс“.
Во центарот на Белград се забележани и возила за разбивање протести, додека на автопатот е забележана колона полициски комбиња.
До засилените безбедносни мерки доаѓа на денот на одржувањето на предвремените парламентарни избори во Србија. Право на глас имаат 6.451.292 избирачи, а гласањето се одвива на 8.392 избирачки места, кои се отворени од 7 до 20 часот.
Во текот на изборниот ден се регистрирани и повеќе инциденти.
Возилата што денеска се појавија на улиците во Белград граѓаните првпат ги виделе за време на летните протести во Нови Сад во 2025 година, кога биле користени за потиснување на демонстрантите од булеварите и пошироките улици. Во нив тогаш се наоѓале припадници на Жандармеријата.