2023 е година на уставни измени и на сериозна работа и пројекти и предвремените парламентарни избори би биле губење време и непотребен трошок имајќи предвид дека следната е година на парламентарни и претседателски избори, соопшти владејачката Алтернатива.
-Алтернатива стана дел од власта со писмен договор, чија прва точка е деблокирање на евроинтеграцискиот процес и започнување на преговорите со Европска унија. Затоа, како партија веруваме дека во оваа година сите политички и државни капацитети треба да бидат концентрирани во реализација на превземената обврска за уставни измени – велат од Алтернатива.
Според партијата, запчнувањето на суштинските преговори со ЕУ значи поинтензивна динамика на реформи и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.
Од Алтернатива велат дека покрај исполнувањето на обврската за признавање на бугарското малцинство и замена на дефиницијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20% од населението“ со „албански јазик“, во овој процес да се направи и важен чекор во борбата против политичката корупција.
-Затоа, предложивме уставен амандман за санкционирање на корупцијата на високо ниво, за што бараме поддршка од внатрешни и меѓународни фактори. Земјата успешно се справува со енергетската криза, обезбедувајќи непрекинато снабдување со електрична енергија и не дозволувајќи енормно поскапување, што беше една од нашите значајни определби во договорот за учество во владата – велат од Алтернатива.
Од таму додаваат дека се обидуваат да постигнат договор за изградба на нов Клинички центар, со уникатен модел на финансирање предложен од нивниот министер за здравство, како и на реформи на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги, олеснувајќи ги административните обврски за граѓаните.