Првиот светски тенисер во моментов – Новак Ѓоковиќ започна со оспорување на одлуката на австралиската Влада која реши да му ја откаже визата, со изговор дека минатиот месец се заразил со Ковид-19 и на тој начин се квалификувал за медицинско ослободување од барањата за вакцинација во земјата.
Адвокатите на српскиот ас денеска поднесоа документација од 35 страници во која се наведува дека одлуката треба да се промени, што значи дека Ѓоковиќ ќе може да ја брани титулата на Австралија опен овој месец.
Во документацијата има заверен документ дека Ѓоковиќ бил позитивен на коронавирусот на 16. декември и дека немал симптоми до 30. декември. Се очекува тенисерот да биде сослушан пред австралискиот суд на 10 јануари, в понеделник.
Ѓоковиќ, според адвокатскиот тим, добил писмо од главниот медицински службеник на „Tennis Australia“ со образложение дека има медицинско ослободување од вакцинација поради тоа што прележал Ковид-19.