30-годишнината од бугарското признавање на Македонија – повод за посетата на Петков

Македонското МНР утрово ја потврди веста дека делегација предводена од бугарскиот премиер Кирил Петков на 18. јануари ќе ја посети земјава.

Во делегацијата, според информациите, ќе бидат и министерката за надворешни работи – Теодора Генчовска, како и министерот за транспорт и врски – Николај Сабев.

„Посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Северна Македонија, со што двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји“ – се вели во соопштението од МНР.

Во фокусот на разговорите, според Министерството, ќе бидат доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

„Со одењето на разговори на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е фундаментален принцип на нашите односи со Република Северна Македонија. Се надевам дека нашата Влада ќе ја покаже разликата меѓу добрите планови и постигнатите резултати“ – рече Петков во Народното собрание.