На Косово запленети 272 апарати за ископување криптовалути

Денеска на Косово се запленети 272 апарати за ископување на криптовалути во село во близина на Лепосавиќ, област на северот од земјата. Министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља на Фејсбук информираше дека во акцијата е уапсено едно лице. Тој најави дека таквите акции ќе продолжат и во иднина.

„Утрово, на барање на Царината, полицијата на Косово организира акција за откривање и запленување апарати за ископување криптовалути. Во оваа акција во близина на селото Требица во општина Лепосавиќ беа запленети 272 такви апарати и е уапсено едно лице. Целата акција се изведе и се заврши без инциденти. Ваквите акции ќе продолжат до целосното спроведување на одлуката на републичкото Собрание и Влада“ – напиша Свечља.

Пред два дена полицијата заплени 70 апарати за ископување криптовалути во јужниот дел на Митровица и во Подујево.

Владата на Косово во вторникот објави дека надлежните институции ќе се ангажираат за запирање на производството на криптовалути, со оглед дека апаратите наменети за тоа предизвикуваат висока потрошувачка на електрична енергија, додека земјата се наоѓа во енергетска криза.