Потпишани четири договори на компании од Македонија и Бугарија вредни над 3 милиони евра

На иницијатива на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков, денеска во Скопје се одржа Бизнис форум, насловен „До една милијарда и понатаму.“

На панелите каде активно учествуваа претставници од стопанските комори, од ресорните институции и бизнис заедницата на двете држави, со присуство на повеќе од 150 компании, се дискутираше за теми од сферата на енергетиката, инфраструктурата, земјоделството, туризмот, ИТ и индустрискиот развој.

„Оваа година, само во првите три квартали имавме раст од преку 50%, со што трговската размена надмина 700 милиони евра, а проекцијата покажа дека оваа година ќе се надмине и прагот од една милијарда евра“ потенцираше Османи во своето воведно обраќање.

Таквиот позитивен тренд се случува и покрај фактот што инфраструктурната поврзаност не ја олеснува оваа динамика, но деловните субјекти на двете земји наоѓаат начини да соработуваат. Во таа насока, сигурно ќе помогнат и реактивираните меѓуресорски работни групи, за што е договорен календар на активности и средби.

„Пред нас е декада во која нашите проекции се Македонија да го исполни и вториот стратешки приоритет и да стане полноправна членка во ЕУ. Не гледам зошто да не си поставиме амбициозна но остварлива цел: во овој период, оваа една милијарда да ја дуплираме. Тоа не се прави со чекање, ниту само со амбицијата на бизнисите, туку и преку создавање соодветни услови за бизнисот: инфраструктурно и енергетско поврзување; изградбата на пругите, патиштата; отворањето нови гранични премини, поттикнувањето на меѓу граничната соработка“, нагласи Османи.

Во рамките на бизнис форумот беа потпишани четири договори на компании од двете земји, вредни над 3 милиони евра.