
Весна Дамева е нова претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска. Таа беше избрана со 10 гласа „За“ и еден „Против“.
На седницата не присуствуваше Црвенковска, а од гласањето се иззема Зоран Герасимовски бидејќи пред две недели беше избран за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а минатата недела на конститутивна седница беше избран за в.д. директор на Академијата до изборот на нов директор кој треба да се случи в среда.
Дамева доаѓа на функцијата откако Црвенковска минатиот вторник поднесе неотповиклива оставка од претседателка на Советот. Во соопштението што го испрати до медиумите за нејзината оставка таа тогаш се пожали дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската бизнис-елита“.
Нејзината оставка следуваше откако на седница пред две недели се случил бунт од страна на седум члена избрани од редовите на судиите кои спречиле да помине готов список за гласање за клучни места во Академијата за судии и обвинители.