Миле Јовановски: Не знам каде е чантата „Луј Витон“

Миле Јовановски – таткото на Бојан Јовановски (Боки 13) во интервју за „А1он“ вели дека не знае каде завршила фамозната торба „Луј Витон“ и оти тој воопшто ја нема видено. Тој додава дека не е точно дека чантата завршила во неговиот дом.

„Двапати имаше претрес со мојот дом, земени се и снимките од камерите. Кај мене немаше ништо. Јас прв ќе кажев ако имаше торба. Ќе ја цитирам Русковска која рече „Јас претпоставувам дека торбата завршила во домот на неговите родители“. Тоа е нонсенс. Срамота е тоа да го изјави еден обвинител“ – рече Јовановски.

Тој вели и дека неговиот син добивал закани во затворот, како и дека тој се плаши за неговиот живот.

„Се плашам за мојот син. Најмногу кога беше во истражниот затвор, затоа што имав дојава од близок човек во правосудните органи дека имало, ми цитираше пораки, дека нема да излезе жив од затворот, дека ќе го убијат итн“ – вели Јовановски.

За пораките, Јовановски рече:

„Мислам дека до толку ниско да падне Зоран Заев не ми се верува, ама брат му можеби, не сум сигурен, не ми беше кажано од кого се. „Па и брат му е смешан во сите овие криминални делатности, рекети-мекети и тоа. Не случајно Бојан кажа да ги бараат кај Вице и Зоран Заев“.

Тој тврди дека случајот „Рекет“ е „начин да се уништи СЈО“, а Катица Јанева и неговиот син биле „погодни личности за тоа“.

„Кај се парите, еве јас прашувам, кај се парите. Јас не можам да тврдам што имало во ташната, ниту сум бил, ниту знам. Можам хипотетички да кажам имало пари, можам да кажам дека нема пари. Ако имало списанија, како можело да собере и толку пари. Дајте снимка каде Бојан зема пари, каде ги бројат парите“ – вели Миле Јовановски.