СДСМ со сомнеж – дали фирмата на Перо Камиказа се офајди од дочекот на Нова Година во Скопје?

Од владејачката СДСМ денеска прашаа – дали фирмата „КЛС“, сопственост на кандидатот за градоначалник на главниот град, Петар Георгиевски Камиказа била ангажирана околу озвучувањето на новогодишната прослава на градскиот плоштад.

„Колку пари чинел ангажманот на КЛС за новогодишната прослава или дали е тоа донација? Ако е донација тогаш таа треба да мине низ Советот на град Скопје, ако се работи за спонзорство, тогаш треба да има договор за спонзорство. Данела Арсовска им должи одговори на скопјани на овие прашања“ – рече денеска советникот на СДСМ во Град Скопје, Мартин Попов.

Според него, во буџетот на градот за оваа 2022 година не е развоен и не е направен според потребите на граѓаните. Во буџетот тој смета дека не се предвидени пари за важни проекти, како нови паркови, зелени покриви, велосипедски патеки.

„Нема пари за ниту една велосипедска патека, ниту еден вело паркинг, нема опрема за автобусите да превезуваат велосипеди, нема субвенции за дополнителна опрема. Наместо за зеленило и заштита на животната средина, наместо во капитални проекти, Арсовска парите на скопјани ги планира за вдомувања на партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Дали во Буџетот има пари за коалициските партнери на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ“ – праша Попов.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од патијата не ги коментираат наводите дека фирма на кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје го обезбедила озвучувањето за новогодишната прослава во главниот град. Велат дека настанот чинел 100.000 евра помалку од прославата што „Шилегов ја направи на криминален начин и за која ДКСК покрена иницијатива за разгледување“.

„Прославата на Арсовска скопјани ги чинеше нула денари, за разлика од тие кои ги организираше најбогатиот градоначалник во Европа, Петре Шилегов. Од ваквите автоголови и лаги на СДСМ и на Мартин Попов, кој го пуштаат очигледно низ вода, на јавноста и е преку глава. Прашањето на кое требаше да одговори СДСМ денес е: Како граѓаните да го преживеат новото второ поскапување на струја од над 15 проценти, новото поскапување на парното греење за 14,05 проценти и новото поскапување на метанот за 120 проценти“ – пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.