И трет ден трае потрагата по исчезнат сплиќанец во Белград

Хрватскиот државјанин Матеј Периш (27) од Сплит на 31. декември исчезнал во Белград, а во српската престолнина дошол со пријателите да ја дочека Новата година.

Таткото на момчето ги повика сите кои имаат некаква информација за неговиот син да пријават во полиција.

Исчезнувањето на Матеј Периш е пријавено во петокот во 18 часот, од кога полицијата трага по него.

Во потрагата се вклучени повеќе единици на МВР, земени се изјави на пријателите со кои Матеј дошол во Белград, а биле проверени и надзорните камери на клубот „Готик“ каде последен пат тој е виден.

И претседателот на Србија – Александар Вучиќ денеска зборуваше за исчезнувањето на хрватскиот државјанин и истакна дека се уште нема решение на потрагата.

Вчера во Белград допатува и таткото на Матеј, кој за белградските медиуми изјави дека има доверба во српската полиција.

„Дојдов да видам каде тоа се случило, немам нови информации. Имам апсолутна доверба во полицијата и се што прави. Од она што досега го слушнав, тие работат многу професионално, ја водат истрагата и тие се одговорни за сите информации“ – рече таткото на исчезнатото момче.

Матеј Периш за новогодишната вечер бил во клубот „Готик“ со своите пријатели, но во еден момент му се губи трагата, на пат за тоалет во клубот.