Радев: Избори во март ако сите мандати се неуспешни

На последните избори народот не гласаше за доверба на ниту една политичка сила да владее сама, напротив.
Парламентот е расцепкан и тоа го прави напорот за проектирање на мнозинство тежок, но не и невозможен процес.

Со овие зборови бугарскиот претседател, Румен Радев им се обрати на претставниците на „Демократска Бугарија“ со кои одржува консултации за формирање влада.

„Со загриженост следам што се случува во Народното собрание последниве денови и ми се чини дека тоа не го очекуваат бугарските граѓани. Она што сите го чекаме – консолидација за успешна менаџерска формула оди во друга насока – до зголемување на конфронтацијата, противењето и исцртување на нови линии на поделба“, рече Радев.

Додаде дека во случај на неуспех да се формира влада, нема да распише нови избори во јануари и февруари, бидејќи ризикот од уште помал одѕив на гласачите е реален.

Така, третиот мандат ќе биде доделен после нова година за да има избори во месец март, вели Радев.