
ВИДЕО) Поповски: Втор ребаланс е нужен, што не е добра слика за економијата
➡По мое видување ребаланс ќе биде нужен, втор ребаланс што не е добра слика за нашата економија, затоа што дефицитот веројатно со третиот квартал ќе се приближи до годишното ниво и потрошувачката на дефицитот во наредните три месеци е невозможна. Ќе треба да ги запрат сите инвестиции кои се со странски кредити, а во Македонија сите инвестиции во патната и во железничката инфраструктура се со странски кредити, не се домашни пари, што значи не можете да ги трошите, ќе мора да се шири дефицитот“, смета Поповски. ➡Тој додава дека перманентното задолжување задолжување ќе не одведе во раст на јавниот долг и во се поголем проблем за негово финансирање со огромни издатоци од буџетот. ➡Сега се некаде на 2% од БДП. Зборувам за сервисирање на каматите, инаку главницата никој не ја враќа, Постојано земаме нови пари, и ќе се стеснува просторот. Порано беше 1% од БДП. Во Македонија 1% од БДП е околу 170 милиони евра во моментот, вели Поповски.
Економските податоци се како и сите статистички податоци различни. Еден податок може да говори едно, друг податок сосема друго и зависи кои податоци ќе ги изберете за да направите слика за економијата. Треба да знаеме дека имаме раст на номиналните плати и на реалните плати. Раст на номиналните па и на реалните пензии. Имаме соодветна инфлација која не е еден или два, туку е три или четири проценти и сето тоа создава поголеми доходи кај населението, нешто инфлациски, нешто реални и тоа ги покачува нагоре депозитите, тоа го покачува и кредитирањето. Податокот за раст на БДП од 3 – 3,5% е охрабрувачки.
-Има и загрижувачки податоци. Инфлацијата уште треба да се скротува. Загрозена е од однесувањето, по мое мислење, на фискалната власт која и понатаму експанзионистички се движи, и од тука произлегува растот на БДП. Ако не е во моментов потрезвено поставена монетарната политика, ако се потпреме само на владината политика, јас сум уверен дека инфлацијата ќе оди многу нагоре, затоа што владата форсира дефицити на буџетот и фондовите, кои, колку што ги знам податоците, 2024 година беше 4,3%, 2025 година беше 4% од БДП, и сега сме некаде околу 3,1 или 2% за шест месеци, што значи дека до крајот на годината, како што се проекциите сигурно ќе надмине 4%.
-Тоа за Македонија се високи дефицити кои создаваат потрошувачка кај населението, па и кај фирмите. Потрошувачката ги билда цените. Цените, кога ќе се пондерира тоа што е во инфлациската кошница ја даваат инфлацијата. Таа зависи и од увозни компоненти. Во овој момент ние немаме сопствени течни горива. Ги увезуваме. Тоа создава дефицит и во платниот биланс. Оваа година дефицитот на тековната сметка е малку загрижувачки. Нивото на странските инвестиции е само 1% во првите шест месеци од БДП, што е ужасно ниско. Околу 180-тина милиони. И ако од нив ги одземеме реинвестираните од странските инвестиции во Македонија, тогаш станува многу мал влез на странските инвестиции. Нормално владата секогаш, од 1990-та година до денеска настапува со бомбастични изјави, дека ќе се донесат странски инвестиции, но резултатите се скромни. Со странските инвестиции јас сум секогаш склон многу внимателно да ги гледам. Завчера на берзата едно акционерско друштво во странска сопственост, грчка компанија во Македонија која купи пред триесетина години голема фабрика во Македонија, од социјализмот, објави дека има 840 милиони добивка во првите шест месеци. Тоа е отприлика 13,5 милиони евра. И објави одлука дека сите 13,5 милиони евра ги распределува како предвремена дивиденда. Во Македонија дивидендите се делат годишно, но по законот има можност по шест месеци авансно, па на крај ќе ги испеглате. Во САД на пример квартално се исплаќаат. Таму никој не чека една година за сопственоста во акции да ви се впаричи, туку на секој квартал. И они сега искористија – 13,5 милиони евра си ги носат во Грција. Има отприлика пола милијарда однесено назад. Е сега и тоа се странски инвестиции. Ни го одзема доходот што се создава овде и целосно го носи во Грција. Значи за странските инвестиции има и друга страна целата медала“, вели поранешниот министер за финансии Никола Поповски.

Прашан за тоа дали ни претстои ново задолжување, неопходност од ребаланс на буџетот или нова еврообврзница, Поповски вели дека претходно го кажал податокот за првите шест месеци за дефицитот дека е 3%, и тоа значи сега на крајот од третиот квартал ќе биде близу 4%.
„По мое видување ребаланс ќе биде нужен, втор ребаланс што не е добра слика за нашата економија, затоа што дефицитот веројатно со третиот квартал ќе се приближи до годишното ниво и потрошувачката на дефицитот во наредните три месеци е невозможна. Ќе треба да ги запрат сите инвестиции кои се со странски кредити, а во Македонија сите инвестиции во патната и во железничката инфраструктура се со странски кредити, не се домашни пари, што значи не можете да ги трошите, ќе мора да се шири дефицитот“, смета Поповски.
Тој додава дека перманентното задолжување задолжување ќе не одведе во раст на јавниот долг и во се поголем проблем за негово финансирање со огромни издатоци од буџетот.
„Сега се некаде на 2% од БДП. Зборувам за сервисирање на каматите, инаку главницата никој не ја враќа, Постојано земаме нови пари, и ќе се стеснува просторот. Порано беше 1% од БДП. Во Македонија 1% од БДП е околу 170 милиони евра во моментот“, вели Поповски.
Прашан дали се оправдани тврдењата на власта дека неопходно е да се задолжуваме, бидејќи мора да ги отплатиме старите долгови од лошото на претходната владејачка гарнитура, Поповски вели дека тоа е популистички изговор за оние кои не ги разбираат работите.
„Дефицитот не е враќање на старите долгови со нови. Тоа се анулира. Дефицитот е екстра новото трошење. Кога се зема еврообврзница од една милијарда евра, од кои се враќаат 800 милиони од пред пет години, другите до милијарда се дефицит. Има тука уште нешто многу интересно. Ако се вратиме наназад сите врати го враќаат стариот долг. Првата еврообврзница во Македонија што се издаде 2005 година, јас бев тогаш министер, беше за враќање на старите долгови од Југославија“, додава Поповски.
Околу најавата дека годинава ќе ја завршиме со раст од 3,5%, а дел од упатените велат дека и ништо да не правиме 3,5% ќе обезбедиме, Поповски смета дека во Македонија проблемот е што во двотретински се должи на градежниот сектор.
„Имаме пет автопатишта што ги градиме со странски кредити. Можеме да ги наброиме кои се тие пет за да нема дилема кои се тие: Оној историскиот Кичево – Охрид веќе 15 години, Тетово – Гостивар, Гостивар – Кичево, Битола – Прилеп, Скопје – Блаце. Се прави и пругата, и сите се со странски кредити и тоа навидум делува како опојка. Последниот квартал кога ги видовме податоците, каде што БДП расте околу 4%, градежништвото беше 23%, а тоа учествува околу 7-8 посто во БДП. Со себе повлекува индустријата за вадење камен и тн., бидејќи низ Македонија ако патувате ќе видите дека на сите страни се кршат планините, се вадат камења за сите овие автопатишта. Кога би се изолирал ефектот од градежништвото и неповлекување на овие другиве индустрии кои се еднократни и ќе завршат, растот на економијата и не е така динамичен во другите сектори. Тоа значи дека го влечеме растот со форсирање на градежништвото каде што инвестициите не се од домашното штедење или од јавните средства, туку се од странство. Тоа еден ден ќе застане, и кога ќе имате раст на градежништвото од 20% годишно и го влече цел БДП со себе, значи кога ќе застане изградбата, тогаш со раст од 20% во претходните години идната година ќе ви падне во минус“, вели Поповски и додава дека многу се потпираме на странски кредити за инфраструктурни објекти и тоа во голем обем.
„Околу странскиот долг има милион историски примери во светот до каде ги довел државите што правеле таква експанзија. Две ни се во соседството. Едвај се извлекоа после десет години – Грците и Хрватите. Има економисти што ова јас што го зборувам не го прифаќаат и го тврдат спротивното. Ова е моето сфаќање на работите“, вели Поповски.
Говорејќи за Пензискиот фонд каде се префрлаат 1 милијарда евра, а од нив една третина одат во приватниот столб, а оттаму парите се вложуваат во државни обврзници со кои владата го пополнува буџетот, Поповски вели дека со Пензискиот фонд се работи за долгорочна реформа.
„Тие што влегоа во тој Фонд од 1.1.2006 година со сопствено ново вработување, бенефитите ќе се видат после 15 години. Првите 20 години ги издржавме, тој Фонд, бидејќи сега е на удар во Македонија, дека треба да се укине вториот столб, да се вратат парите во првиот и тн., се надевам дека тоа нема да се случи, затоа што би било катастрофална грешка, е доказ или показ дека ако изведете реформа треба да стиснете заби и раце за да ја спроведете до крај“, додава Поповски.
Тој вели дека пензискиот дефицит математички ќе се намали зголемување на придонесите и со поместување на границата за пензионирање.
„Пензискиот фонд во минативе 30 години општата стапка за жал ја намали со неколку владини зафати, па за среќа се застана со таа процедура. Тоа дополнително внесе дефицит. Сега јас не сум во позиција да импровизирам со бројки, но сериозно размислување за нагорно движење на пензиската стапка во Македонија е потребно. Минимум да се врати како што беше од пред 20 години, затоа што сегашната позиција ќе го продлабочува тој дефицит со ваквата стапка која непотребно се намали.
-Во Македонија желбата за останување на власт е поголема од било каква катастрофа што се случува“, вели Поповски.
Околу тоа дека имаме демографско стареење, економски егзодус и дали ако имаме ниска стапка на наталитет, интензивно иселување и дали тогаш видливо се менува пазарот на труд, и дали Македонија ќе се доведе до неопходност од увоз на работна сила, Поповски вели дека ние бевме емиграционо подрачје, а сега ќе бидеме имиграционо подрачје.
„Емиграција од странците внатре е имиграција, иако сѐ уште одговорните во владата, па и во некои меѓусекторски соработки со научни институции треба многу внимателно да се проучи. Овој период колку е можно да се продолжи, затоа што имаме многу неискористени внатрешни ресурси. Значи ние имаме 1 400-500 илјади работоспособни луѓе, но од нив активни на пазарот околу 900 000 луѓе. Значи имаме околу 700 000 луѓе неактивни, а се во работоспособно доба. Од нив само 100 000 бараат работа и не можат да најдат. Значи имаме ресурс, нивото на активност на населението ни се зголеми. Имаме и преголем број на население што се неактивни – ниту работат, ниту бараат работа, едноставно не ги интересира – домаќинки се или не сакаат да работат. Кога ќе влезете во нив, имаме неколку важни ресурси, можни ресурси. Прво е на пример ако се стратификува неактивноста и резервоарот, имаме на пример резервоар кај припадничките на женскиот пол од исламска вера во Македонија. Од сите што се со исламска вера – има и Македонци и Албанци, Турци, Бошњаци. Тука податоците се малку полоши од просекот. Што значи тука имаме капацитет. Статистички имаме сѐ уште 11% невработеност. Значи ние увезуваме, а во европски рамки како стапка е висока. Значи зошто имаме невработеност? Имаме несогласување помеѓу понудата и побарувачката за работна сила или имаме несогласување помеѓу пазарната вредност на работната сила и очекувањата на невработените колку да бидат платени. Значи ако овие сите сметки почнат внимателно да се смечуваат, можеме да извлечеме уште 50, 100, 150 илјади во првиве неколку периоди работна сила која ни се наоѓа во Македонија, но ние неа ја запоставуваме. Имаме 700 000 работоспособни луѓе кои воопшто не бараат работа, ниту бараат работа, и тие се надвор од активното население или од работната сила. Овие се работоспособни, овие се работна сила. И ние на нив не сметаме“, вели Поповски.
Околу тоа што би добиле граѓаните од евентуални предвремени парламентарни избори и дали би дошло до промена на политичката слика во земјата, Поповски вели дека анкетите покажуваат дека во македонското гласачко тело нема да се промени многу расположението.
„Може ќе се избалансира на некаков поинаков начин, но веројатно сегашната владејачка партија сѐ уште ќе има значајна предност пред опозицијата. Кај албанскиот политички фактор може да настане промена, малку посигнификантна, и да натера овие вербално ‘лути’, ВМРО-ДПМНЕ да соработува со ДУИ во некоја постизборна влада. Е тоа може да создаде нова рамнотежа во власта во Македонија, бидејќи ДУИ е малку поагресивен од ВЛЕН по голем број на прашања, и економски и неекономски. Што тоа ќе придонесе суштински? Ако останат истите актери, истите лица, ништо суштински нема да се промени. Од анкетите што ги гледам веројатно ВМРО-ДПМНЕ ќе биде прва партија во Македонија пред СДСМ. Но кај Албанците не сум сигурен. Од анкетите се гледа еден баланс кој може да ескалира во една или друга насока. Не може ВМРО-ДПМНЕ да владее со ВЛЕН кој би бил во малцинство во парламентот. Тие и сега имаат проблем. Не можат да донесат ниеден бадентеров закон. Слушнав дека деновиве 12 бадентерови закони ќе се пратат во еден пакет, но ако не сте во владата тешко тоа ќе го правите. И владејачката партија треба малку да се промени. Еве ќе си дозволам една политичка квалификација – во владата нема главен економист. Секоја влада имала или потпретседател за економски прашања, или јак министер за финансии т.н главен економист. Во денешната влада, јас од надвор како што гледам е премиерот. Он, условно кажано, во стручна смисла е неквалификуван за таа работа. Него му треба некој. квалификуван. Дури и формално не знам дали постои тоа место, смета поранешниот министер за финансии.
Целото интервју погледнете го во видеото