Столтенберг: Се соочуваме со најкомплексната ситуација од Студената војна

НАТО најави дека следниот самит ќе го одржи на 11 и 12 јули во Вилнус, главниот град на Литванија. Главна тема ќе биде војната во Украина и нејзините последици.

„Се соочуваме со најсложеното и најнепредвидливо безбедносно опкружување од Студената војна. Состанокот во Вилнус ќе биде можност за претседателите и шефовите на влади на сојузничките земји да договорат понатамошни чекори за зајакнување на нашето одвраќање и одбрана, разгледување на ситуацијата околу значителното зголемување на трошоците за одбрана и продолжување на поддршката на Украина“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Во ерата на зголемена стратешка конкуренција, трансатлантската врска меѓу Европа и Северна Америка во рамките на НАТО продолжува да биде клучна за безбедноста на една милијарда наши граѓани“, рече Столтенберг.