Лагард: ЕЦБ мора да продолжи да ги зголемува каматните стапки и по цена на рецесија
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард изјави дека мора да продолжи зголемувањето на каматните стапки со цел борба против инфлацијата, дури и ако се зголеми веројатноста за рецесија во еврозоната.
„Нашата определба е стабилност на цените и тоа мора да го постигнеме користејќи ги сите алатки што ги имаме на располагање. Решени сме да го направиме она што е неопходно за да ја вратиме инфлацијата на целното ниво од два отсто“, изјави Лагард.
ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за вкупно 200 базични поени во изминатите три сесии, а пазарите предвидуваат серија дополнителни зголемувања што ќе ја доближат основната каматна стапка од 1,5 % до нивото од 3% во 2023 година.
„Нашата дестинација е јасна, сè уште не сме таму. Во иднина ќе има дополнителни зголемувања на каматните стапки“, посочи Лагард, без да прецизира на кое ниво би можело да заврши зголемувањето на каматните стапки.
Инфлацијата во еврозоната се искачи на 10,7% во октомври и се очекува да остане над целта на ЕЦБ од 2% до 2024 година, што го зголемува ризикот од промена во однесувањето на деловните и домаќинствата бидејќи тие ја губат довербата во подготвеноста на ЕЦБ да ја врати инфлацијата под контрола.
„Колку подолго инфлацијата останува на толку високо ниво, толку е поголем ризикот таа да се прошири и да навлезе во сите пори на економијата“, нагласи Лагард.