Првата дама на Украина: Технологијата мора да се користи за да се спасат луѓето, а не да се убиваат

Во емотивниот говор, првата дама на Украина, Олена Зеленска ги повика технолошките работници ширум светот да иновираат за да ја запрат Русија и да помогнат да се спасат луѓето во нејзината земја разурната од војна, пишува Ројтерс.

„Дистопиите за кои читаме во научно-фантастични романи се многу поблиски отколку што мислите“, рече Зеленска во преполната сала на отворањето на најголемата европска технолошка конференција, веб-самитот во Лисабон, притоа прикажувајќи снимки од последиците од нападот со беспилотни летала во Киев.

„Русија ја става технологијата во служба на теророт. Технолошката опрема како беспилотни летала и проектили се користи за убивање луѓе, а не за спасување“ – додаде таа.

Таа ги покани насобраните да презентираат идеи за „запирање на теророт, спасување на луѓето и обнова на уништеното во Украина“.

„Можете да ни помогнете да го спречиме ширењето на листата на жртви на тероризмот“, рече таа.

„Верувам дека таквата технологија е иднината, а ако не е, едноставно нема да има иднина на која ќе се радуваме“ порача Зеленска.