Украина се соочува со огромна хуманитарна криза оваа зима доколку не спречи колапс во снабдувањето со електрична енергија предизвикан од непрестајните руски бомбардирања, изјави шефот на државната енергетска компанија Володимир Кудризки кој рече дека се погодени речиси сите големи ненуклеарни централи во земјата, како и повеќе од 30 отсто од трафостаниците во мрежата.
„Ситуацијата е критична“ – изјави Кудризки за Гардијан, додавајќи дека Украина минатата недела побарала од западните земји неопходни резервни делови и ги повторила повиците за повеќе системи за противракетна одбрана за да се спречат нападите.
„Ова е најголемиот ракетен напад врз електрична инфраструктура во историјата. Влијанието врз мрежата е огромно. За жал, ситуацијата е критична. Тие постојано се обидуваат да го уништат електроенергетскиот систем на Украина, кој снабдува десетици милиони луѓе. Доколку продолжат руските напади, прекините на струја во Украина ќе стануваат подолги и подолги“ – предупреди Кудризки, додавајќи дека и покрај напорите на Укренерго, не е можно да се поправи мрежата толку брзо како што се уништува.
„Очигледно е многу полесно да се лансираат проектили отколку да се обноват трафостаници. Пред овие напади, главната цел беше да се снабдува онолку енергија колку што им е потребно на потрошувачите. Меѓутоа, сега зборуваме дали системот воопшто ќе опстане“ рече тој.