Владата на Република Северна Македонија, на денешната 97 седница, донесе Одлука за изменување и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2022 година, на предлог на Министерството за образование и наука, а во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Со предложените измени, се воведуваат нови мотивирачки стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки.
Воведувањето на новите стипендии ќе се реализира во рамките на предвидените буџетски средства на Министерството за образование и наука, коешто деновиве ќе го распише и конкурсот за посочените стипендии, за академската 2022/23 година.
Владата, согласно донесената измена за Законот за поштенски услуги во врска со одлагањето на либерализацијата на поштенските услуги до 31.12.2023 година, а со цел подобрување на финансиското работење на АД Пошта на Република Северна Македонија, ги задолжи сите државни институции да ја користат универзалната поштенска услуга на АД Пошта на Република Северна Македонија, согласно измените на Законот, а им препорача и на сите општини и Град Скопје да ги користат услугите на АД Пошта на Република Северна Македонија.
Владата ја разгледа информацијата од Министерството за транспорт и врски за објава на сервис на платформата за интероперабилност и јавен портал за користење на податоци од базата на транспортери во Министерството за транспорт и врски, при вршење контрола од страна на контролните органи и граѓаните.
Министерството за транспорт и врски информираше дека со цел постигнување на поголема транспарентност и подигнување на свеста кај сите учесници во патниот сообраќај, пристапено e кон регистрирање сервис на платформата за интероперабилност и посебен јавен портал „admin.transport” наменет за дел од институциите, преку којшто ќе може да се проверат податоците внесени во базата на Министерството, од страна на контролните органи како и јавен портал „etransport”, преку којшто граѓаните ќе имаат можност за пристап до одредени податоци.
Со можностите коишто ги дава новата платформа, се овозможува електронска контрола на постоењето и веродостојноста на издадените сертификати и лиценци коишто ги проверуваат контролните органи. Со електронската проверка на веродостојноста на приложените документи, се заменува процедурата за нивна хартиена проверка, како и побрзо и поефикасно извршување на проверките на надлежните контролни органи.
На контролните органи им се овозможува пристап до фирмите коишто се во евиденцијата на превозници, податоци за нивните лиценци, податоци за возила коишто ги поседуваат, податоци за изводи од лиценци коишто припаѓаат на одредено возило и податоци за вработени возачи – со што контролните служби ќе можат да проверат дали лицето е вработено или не во фирмата превозник, како и дали поседува сертификат за професионална компетентност на возач, што е неопходен документ при вршење меѓународен превоз на патници или стоки во патниот сообраќај.
Јавниот портал „etransport” ќе овозможи пристап на граѓаните до податоците што се однесуваат на поседувањето лиценци и изводи од лиценци за вршење на превоз на патници и стоки, како и капацитетот и еколошкиот стандард на возилата.
На денешната владина седница, на предлог на Министерството за одбрана се донесени повеќе одлуки за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија, меѓу коишто за учество во: НАТО мисијата „NATO Mission Iraq – NMI“ во Ирак; за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина; за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“, во Република Косово; за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО мисијата „Зајакнато истурено присуство“ (enhanced Forward Presence – eFP ), во Република Летонија; за учество во меѓународната операција на ООН, „УНИФИЛ“, во Република Либан.