Продолжува сагата на релација синдикати – директор, каква разврска ќе има во ЈП Водовод?

По неколкудневните прозивки за отказ од ССМ и вработените од Водовод, директорот Марјанче Митовски се појави во јавноста – но неговата прес конференција повеќе наликуваше на обраќање бидејќи немаше простор за новинарски прашања.

Тој ги отфрли обвинувањата за незаконски откази, прераспределби на вработени и мобинг врз нив. Сепак, ги охрабри да се борат за своите права бидејќи, како што рече, самиот немал можност за тоа. Сепак, остана дилемата дали евентуалниот штрајк би ги оставило скопјани без вода.

Во меѓувреме ССМ и СУТКОЗ се уште ја убедуваат скопската градоначалничка за средба. Сега бараат вонредна седница на градскиот Совет на кој ќе ги образложат своите аргументи. Меѓу нив е и медицинска белешка која, според синдикатите, е доказ дека Митовски не е способен да врши јавна функција а за која самиот тој кажа дека била доказ во судска постапка.

Синдикатот пред два дена донесе одлука за користење на правото на штрајк, но постапката за помирување се уште не е започната.