Поради наталожени долгови и казнени камати, главно за струја, извршителите земаат третина од платата на граѓаните, бидејќи почетниот долг се зголемил десет пати, и граѓаните доживотно се задолжиле. Народниот правобранител Насер Зибери поднесе иницијатива до Владата за законски измени со кои меѓу другото се предвидува казнената камата да престане да тече кога висината на каматата ќе го достигне главниот долг.
„Во Законот за облигациони односи да се додаде нов член во кој ќе се вели: Казнената камата ќе престане да тече кога износот на неплатената камата ќе го достигне износот на главниот долг, додека во Законот за извршување исто така нов член да се додаде во кој ќе се вели: Во текот на извршната постапка кога висината на каматата која не е исплатена ќе го достигне главниот долг, извршителот ќе престане со пресметување и наплата на законската казнена камата“, рече Насер Зибери, народен правобранител.
Тој смета дека се потребни овие измени, затоа што граѓаните не можат да се ослободат од долговите.
„Ова всушност ги претвора граѓаните во вечни должници, робови на каматите и стапките пред извршителите“, додава Зибери.
Граѓаните честопати не се информирани за поведувањето на извршната постапка, за висината на долгот и за висината на пресметаната камата и за трошоците, за одземањето на средства, за неправилности при доставувањето на тужби и налози за извршување и за блокирање трансакциски сметки во банката.