До каде ќе оди поскапувањето на лебот
Лебот на граѓаните им е скап, а мелничарите и пекарите најавија поскапување за десетина отсто ако државата не им обезбеди поевтина струја. Во меѓувреме домашната пченица ја јаде стоката поради ниската откупна цена.
Цената на лебот речиси и да се удвои изминатата година, а најавите дека за еден месец тој ќе поскапи за дополнителни 10 отсто ги вознемири граѓаните. Велат дека ако од нешто тешко можат да се откажат, тоа е секако лебот без кој тешко може да се замисли македонската трпеза.
Па така, од граѓаните со кои разговараше РСЕ никој не се решава да скрати од лебот, ама пак затоа тоа удира по џебот.
„Не знам дали може и од лебот да се скрати. Се приметува разликата во цената и сметам дека е скап. Сега не знам колку вистински е пресметана суровината, ама според стандардот и примањата мислам дека е скап“, вели скопјанката Надица Илиевска.
Со неа се согласува уште една нејзина сограѓанка, која ја анкетиравме во центарот на Скопје.
„Висока е (цената) , тоа имам да кажам само. Да се намали нема да се намали, тоа е факт. Се се крева, ќе се крене и лебот, ќе се навикнеме. Нема што друго, што ќе смениме. Ќе се снаоѓаме, што да кажам. Ние сме снаодлив народ“, заклучува таа.
„Па за скап е скап, ама да јадеме мора да јадеме. Се снаоѓаме. Веќе ништо не е изненадувачки“, вели и Маја, исто така од Скопје.
Според државната статистика, лебот и житата поскапеле за 47,7% ако се споредат цените во септември годинава со истиот месец лани. Ама впечатокот во маркетите е дека таа е уште повисока.