ЦГК: Во првото полугодие од 2021. преку нетранспарентна постапка се склучени договори од 7,9 милиони евра

„Мониторингот на јавните набавки во земјава покажува низа слабости кои укажуваат на договарање меѓу институциите и понудувачите“ соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кој денеска го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јануари до јуни 2021 година. Наодите од Извештајот покажуваат дека во првото полугодие од 2021 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра и тие слабости, како што наведува ЦГК, се присутни на тендерите кои ги спроведуваат институциите и на национално и на локално ниво.

„Иако незадолжителна, електронската аукција била применета во 91 отсто од јавните набавки што упатува на тоа дека е-аукцијата се користи како механизам за манипулации и корупција. Честото совпаѓање на вредноста на доставените понуди со проценетата вредност на тендерите, која не е јавно објавена, упатува на претходно договарање меѓу институциите и понудувачите“ – информираат од ЦГП.

Во соопштението се посочува дека „на секој четврти тендер е доставена една или ниту една понуда. Поништувањето на тендерите останува исклучително високо и изнесува 26 проценти“.