Албанскиот премиер Еди Рама испрати писмо до земјите-членки на Советот на Европа (СЕ) во кое бара од нив да го отфрлат извештајот на Дик Марти за трговија со човечки органи, пренесува Танјуг.
Рама побара и поддршка од земјите членки на СЕ за иницирање процес кој ќе доведе до нов извештај кој ќе го исправи она што албанскиот премиер го нарекува „трагична грешка“.
Рама го испрати писмото до шефовите на држави и влади на сите земји членки на Советот на Европа, по „напорите започнати на меѓународно ниво“ со говор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, за отстранување, како што наведе, на стигмата за трговијата со човечки органи за албанската нација и стигмата на самиот Совет.
Рама тврди дека 11 години по усвојувањето на Резолуцијата во Советот на Европа врз основа на извештајот на Марти, нема докази за трговија со човечки органи.
„Единаесет години подоцна, сите истражни напори направени оттогаш, на национално, на регионално или на меѓународно ниво, за докажување на обвиненијата за трговија со човечки органи, успеаја да го докажат она што беше познато: нема апсолутно никакви докази, ниту во Албанија, ниту на друго место во регионот, за вадење и тргување со органи, за што може да се обвинат и припадници на Ослободителната војска на Косово“ – напиша албанскиот премиер.