Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска не смета дека таа и новото раководство на Град Скопје се одговорни за тоа што главниот град може да остане без јавен превоз.
Вработените во ЈСП „Скопје“ уште немаат земено плата за септември и ова не е првпат да им доцни платата, па поради тоа вчера се заканија дека нема да возат и со тоа јавниот превоз во градот ќе биде во колапс.
На прашање до Арсовска како таа и новото раководство што го постави дозволија претпријатието да се доведе во оваа ситуација, со оглед дека клучните ветувања на изборите ѝ беа токму за јавниот превоз, таа рече:
„Поважно е прашањето како некој направил мултимилионски долгови во ЈСП за 4 години поради кои претпријатието е во критична состојба. За неколку месеци, директорот на ЈСП прави сè што може за консолидација на претпријатието што е соочено покрај со наследените милионски долгови и со 400% зголемување на енергенсите поради енергетската криза“.
Градоначалничката додава дека Скопје нема да остане без јавен превоз, бидејќи на вработените деновиве ќе им биде исплатена септемвриската плата.
Возачите од ЈСП „Скопје“ вчера се заканија дека нема да возат и Скопје ќе остане без превоз ако до среда не добијат плата, а побараа од градоначалничката Арсовска да обезбеди пари за навремена плата и во наредните месеци, бидејќи не може секој месец да се доцни.