Советот на Општина Благоевград го забрани отварањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, именуван по славниот македонски поет.
„Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации“ – се вели во образложението на декларацијата изгласана од Советот на овој град кај источниот сосед.
Истото го потврди советникот Кирил Илиев од ГЕРБ, кој изјави дека со оваа декларација им порачуваат на „македонистите“ дека не се добредојдени во градот.
Од македонска страна Јована Мојсовска од Левица на социјалните мрежи го осуди однесувањето на локалната власт на Благоевград.
„Благоевград усвоил декларација со кој се спротивставува на отворање на клубот кој го носи името на Никола Вапцаров. Додека ги глорифицира фашистичките крвници Ванчо Михајлов, на Бугарија и’ пречи Вапцаров кој бил поетски великан и социјалист (стрелан од фашистичката влада). Анти-македонската политика на Бугарија е сведена на анти-социјализам“ – објави Мојсовска.
Инаку, отворањето на клубот беше закажано за 30 овој месец. Пред неколку дена од написот на македонскиот културен клуб беше извадена буквата „М“.