Европската Унија собира докази за тоа дали Иран ѝ продава беспилотни летала на Русија, со кои таа изврши низа напади врз украинските градови изминатиот период.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, рече дека доколку се докаже дека обвинувањата се точни, тогаш Унијата ќе одговори.
„Многу внимателно ја следиме оваа употреба на беспилотни летала. Собираме докази и ќе бидеме подготвени да реагираме со сите средства што ни стојат на располагање“ – изјави Борел по вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој беше одлучено да се воведат санкции за официјални лица од Иран кои се сметаат за одговорни за насилничкото однесување кон демонстрантите во антивладините протести.
Дека Русија напаѓа до дроновите познати како „камикази“, произведени во Иран, првично обвини Украина. Украинските власти ги идентификуваа беспилотните летала како иранско оружје откако повеќе градови беа погодени со нив.
Вчера остри закани на оваа тема упатија и САД велејќи дека ќе ја казнат секоја компанија или земја со соработува со иранската програма за беспилотни летала.
„Секој што спроведува активности со Иран поврзани со развој на беспилотни летала или балистички ракети или е вклучен во движењето на оружје од Иран во Русија, треба да внимава. САД нема да се двоумат да прибегнат кон санкции или да преземат акција против главните одговорни“ – рече портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.