Советот за безбедност на ОН утре ќе расправа за Косово

Советот за безбедност на Обединетите нации денес ќе расправа за новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), а Србија на седницата ќе ја претставува шефот на дипломатијата Никола Селаковиќ, пренесе Бета.

Во извештајот за периодот од 16 март до 15 септември 2022 година, кој на седницата ќе го презентира шефицата на УНМИК, Каролин Зијаде, Гутереш укажа на нестабилната ситуација на терен, придружена со високи тензии и жустра реторика.

Гутереш предупреди на ескалација на тензиите на 31 јули, кога Србите од северот на Косово поставија барикади на патиштата, незадоволни од одлуките на властите во Приштина за издавање документи за влез и излез и задолжителната пререгистрација на возилата на косовски регистарски таблички.

– Настаните на 31 јули на северот на Косово, како реакција на одлуките на косовската влада поврзани со слободата на движење, беа сериозна ескалација што ја доведе ситуацијата на работ на конфликт со потенцијално трагични последици, рече Гутереш.

Тој ја истакна важноста на дипломатскиот ангажман на САД и ЕУ за деескалација на ситуацијата, како и активностите на мисиите на КФОР и ЕУЛЕКС за зачувување на мирот и стабилноста. Во извештајот Гутереш ги повика двете страни да покажат воздржаност и посветеност на дијалогот со цел да се намали ризикот од нова ескалација на тензиите.