Џамбаски со низа навреди и провокации: „Ние Бугарите одлучуваме кои сте вие“

Не е важно дали Ковачевски ме познавал или не. Тоа не е драма. Важно е дека ние го познаваме. Знаеме кој е тој, од кое семејство потекнува и ние знаеме кои се неговите корени, вака бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски му одговори на македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Џамбаски во своето контроверзно и провокативно видео вели дека „Ковачевски ги носеше кафињата додека траеја средбите меѓу Заев и Борисов“.-Носеше папки, вршеше бирократски работи. Тоа е задачата на исполнувачите на туѓа волја. Тој е фасада, ја исполнува агендата на Белград и Кремљ“, вели Џамбаски во објавено видео на неговата Фејсбук страница, во кое се прикажани наслови од македонски портали со изјавата на премиерот Ковачевски, меѓу кои и од „Локално“.

Џамбаски додаде дека Македонија нема никаква историја пред 1944-та година и повторно ја спори посебноста на македонскиот јазик. Тој покажуваше мапа на која Македонија е споена со Бугарија.

-Димитар Ковачевски тврди дека македонизмот бил изворен, но тој е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка иделогија која има задача да ја искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Тоа е фалш идентитет кој е антибугарски. Ние Бугарите одлучуваме кои сте вие, не вие Димитар, ниту Белград или Кремљ. Македонија е бугарска и ќе биде, вели меѓу другото Џамбаски во своето видео, кое е исполнето со голем број навреди и говор на омраза.