Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП по денешниот состанок донело одлука утре да не почнува со штрајк, бидејќи им било ветено дека ќе им биде исплатена заостанатата плата.
„Одлучивме да дадеме шанса на менаџерскиот тим на ЈСП тоа да го направи во текот на утрешниот ден. Граѓаните на Град Скопје и они други кои што го користат јавниот превоз да бидат мирни утре ќе можат од своите домови до своите работни места да одат слободно без никакво прекин“, изјави Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски за Канал5 телевизија.
Но, како што посочи Стојановски, доколку до среда не им биде исплатена платата ќе прекинат со работа.
По најавите за штрајк раководството на ЈСП соопшти дека во наредните денови вработените ќе ја добијат заслужената плата и граѓаните на Скопје нема да останат без јавен превоз.
„Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП. Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието“, соопштија од раководството на ЈСП.