Шведскиот парламент го потврди Улф Кристерсон за премиер

Шведскиот парламент го потврди лидерот на Умерената партија Улф Кристерсон за премиер на трипартиската малцинска влада, поддржана од антиимиграциските шведски демократи.

Коалицијата на умерените, демохристијанските и либералните партии планира да ги намали даноците, да ги ограничи бенефициите, да ги заостри правилата за имиграција и да и даде на полицијата поголеми овластувања како дел од политичкиот договор со шведските демократи – сега најголемата десничарска партија по изборите во септември.

На изборите на 11 септември, Умерената партија, Шведските демократи, демохристијаните и либералите освоија 176 места, додека левиот центар освои 173 места.

До 2018 година, ниту една партија не сакаше да има врска со шведските демократи. Но, нивната порака дека децениските премногу дарежливи политики за имиграција стојат зад порастот на престрелките и бандите, стигна до гласачите. Тие нема да бидат дел од новата влада, но се согласија да ја поддржат и ова ќе биде првпат националистичка партија да има директно влијание врз политиката.

Последователните влади ги заострија правилата за имиграција во изминатата деценија, но новата малцинска влада ќе се придвижи уште подалеку надесно.

Статусот на барателите на азил ќе биде привремен, а владата планира да им го отежне добивањето бенефиции за новите имигранти. Ќе се разгледуваат стимулациите за доброволна репатријација „со посебен акцент на оние кои не се интегрирале“.

Во делот на криминалот, полицијата ќе може да преземе поостри мерки против криминалните групи, а казните за злосторствата на банди ќе бидат поригорозни.