Во Основниот кривичен суд во Скопје, продолжи судењето за убиствотона хрватскиот ракометар Денис Тот.
Во судницата денеска се изведуваа доказите предложени до Обвинителството. Се приложуваа видео материјали на кои се гледаат случувањата пред дискотеката на кобната ноќ (7 април) во периодот од 3.25 до 3.45 часот, кога Тот беше претепан до смрт.
Пред изведувањето на доказите, беше сослушан и сведокот Здравко Теодоров, кој пуштал музика таа вечер како ди-џеј. Тој не бил сведок на конкретниот настан, а потенцираше и дека додека ја извршувал својата задача не видел никакво нарушување на јавниот ред и мир. Тој нагласи дека од местото каде што пуштал музика, имал целосен поглед на дискотеката, но истакна и дека не може да каже дали вечерва имало обезбедување во дискотеката.
Обвинетите за убиството изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело.
Како обвинети се водат Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
–По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал – се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.