Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак како главни виновници за експлозијата на мостот на Крим ги посочува руските структури на моќ.
Според него случувањата се поврзани со меѓусебен конфликт на руската Федерална служба за безбедност (ФСС) и приватните воени компании од една страна, и Министерството за одбрана со Генералштабот на Русија, од друга страна. Според Подољак, најверојатно камионот што експлодирал се качил на мостот од руска страна, „така што одговорите треба да се бараат во Русија“.
„ФСБ/ПМЦ се обидуваат да го елиминираат раководството на Министерството за одбрана/ГШ. Пред промена на персоналот, ФСБ е во „нокдаун“ – ја пропушти експлозијата на мостот на Путин. Министерството за одбрана сега може да ја обвини ФСБ за идната загуба на Југот. Зарем не е очигледно кој направи експлозија? Камион пристигна од РФ“ напиша Подољак на Твитер.
Според Подољак, смената на военото раководство што денеска ја објави руското министерство за одбрана исто така е поврзана со меѓусебните „пресметки“ на руските структури на моќ.
„Руската армија ги бара одговорните за поразите на фронтот и ФСС и сопствениците на приватни воени компании водат кампања за разрешување на военото раководство – министерот (Сергеј) Шојгу и началникот на Генералштабот (Валери) Герасимов“, вели Подољак.