Владата сè уште нема конкретен договор од каде ќе носи струја, Ковачевски тврди дека деноноќно се бара решение
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Владата и ресорните министерства деноноќно работат на сложени операции со цел да може да се обезбеди, во едни вакви исклучително тешки ситуации, електрична енергија и енергенси кои ќе можат да бидат по цени кои би биле поприфатливи и пооптимални за нашето стопанство.
Владата, според него, разговара со четири држави во однос на обезбедување енергенси и електрична енергија за снабдување на Северна Македонија.
„На состаноците кои ги имавме во Белград отпочнавме разговори со цел да ја искористиме когенеративна централа во приватна сопственост во Скопје, ТЕ-ТО, која што работи на гас. Ние понудивме и веќе ги донесовме нашите одлуки Србија да обезбеди гас, бидејќи тие имаат во нивните складишта, а Северна Македонија не располага со складишта за гас, доколку можат да најдат начин да донесат гас во Северна Македонија. Во тој случај тука би се произведувала електрична енергија која би била половина за Република Србија која што го обезбедува гасот, а половина за Република Северна Македонија. Од српска страна се уште ги испитуваат можностите тоа да се направи“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали е најдено решение за испорака на гас од Србија.