Кастриот Реџепи заедно со „огнените“ – се кастри ли владејачкото мнозинство?!

Фотографија на социјалните мрежи го отвори прашањето дали се шири „огнената група“ против Артан Груби и дали тоа може да го заниша владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ и „огнените“ интегративци да бараат реконструкција на Владата за да се сменат Груби и други министри, а на нивно место да дојдат кадри од групата.

Двајца од потписниците на писмото, пратеникот на ДУИ, Изет Меџити и градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, ја споделија истата фотографија заедно со пратеникот Кастриот Реџепи и напишаа „заедно“. Нема потврда дали приклучувањето на Реџепи е најава дека незадоволните членови на ДУИ ќе формираат пратеничка група. Реџепи моментно настапува како независен пратеник во Собранието, по неговото исклучување од движењето „БЕСА“, откако лани го наруши планот на опозицијата да го преземе мнозинството во Собранието и да ја урне владата.

Кастриот Реџепи е трет пратеник во огнената група на ДУИ, а се шпекулира и со името на Скендер Реџепи кој уште летово ја напушти пратеничката група на Алтернатива и најави делување како независен пратеник, но во рамки на владејачкото мнозинство, пишува Прес24. Порталот анализира дека доколку овој пратеник и даде поддршка на „огнената група“ тоа ќе бидат веќе 4 пратеници што значи дека на Ковачевски и Ахмети ќе им остане поддршка од само 60 гласа во Собранието. Во такви услови, под знак прашалник е како ќе функционира коалицијата на СДСМ и ДУИ која нема да има мнозинство. Прв тест ќе биде гласањето на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа.

Премиерот Димитар Ковачевски, сепак, денеска порача дека во Владата ќе има промена само на министерското место за локална самоуправа, но не и на челните места на други министерства. На забелешката дека функционери на СДСМ најавиле „мали промени“ во Владата, Ковачевски потенцира дека станува збор за „многу мали промени“.