Или државата ќе помогне или ќе се затворат бизнис капацитетите во земјава

Поради сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа стопанството, со оглед на високите сметки за електрична енергија, Стопанската комора бара од Владата најдоцна до 5 овој месец да донесе мерки кои ќе го ублажат силниот ценовен удар. Повеќе од 1.600 правни субјекти кои се наоѓаат на слободниот пазар на 30.9.2022 година беа анкетирани за моменталната состојба и врз основа на нивните кажувања се добиени следните сознанија:

„Се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Започнат е процесот на намалување на вработените, редуцирање на производството и на затворање на капацитетите. Ескалацијата ќе биде во наредните два месеци кога се склучуваат договорите за снабдувањесо струја за наредната година.

Оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат, фирмите излез бараат во враќањето на регулираниот пазар. Комората регистрира случаи на правно преструктуирање (делење на фирмите за да се исполнат условите за влегување на регулираниот пазар), што може да доведе до сериозни последици за сиот енергетски систем, исто како и за отпуштените работници, кои, иако дома имаат субвенционирана цена на струјата, нема да можат да ја платат“

Комората укажува дека без државна поддршка 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени, приход од 1 милијарда евра, наредната година,споредовие цени, би требало да платат половина милијарда евра, со што ќе сенаруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија.

За другите компании на слободниот пазар Комората сугерира, врз основа на сите компаративни анализи, да добијат определена базна цена над која државата би ги покривала трошоците и со тоа бисе создале неопходните претпоставки за некаква предвидливост, која е основа на бизнисот.