Бугарија тешко дека ќе добие стабилна влада и по четвртите парламентарни избори кои се одржуваат во последните година и половина.
Излезните анкети покажаа дека победник на изборите ќе биде Бојко Борисов и неговата коалиција ГЕРБ-СДС. А, такви податоци покажуваат и резултатите од паралелното пребројување на гласовите.
„Галуб интернешнл“ ги објави резултатите од 100 отсто паралелно пребројување на гласовите на парламентарните избори во Бугарија.
Коалицијата ГЕРБ-СДС е прва политичка сила со 23,5 отсто од гласовите. Потоа следуваат „Продолжуваме со промените“ со 19,5 и ДПС со 15,2 проценти.
Популистичката „Взраждане“ е четврта со 10 отсто од гласовите, а потоа следат БСП со 8,9, „Демократска Бугарија“ со 7 и „Бугарски подем“ со 4,7 проценти од гласовите.
„Има таков народ“ на Слави Трифонов засега е под прагот од четири проценти и според овие резултати нема да успее да влезе во Народното собрание.
За формирање на Влада во Бугарија потребно е мнозинство од 121 пратеник, со оглед на тоа што во Народното собрание има вкупно 240 пратеници.
Како потенцијални владини коалиции се споменуваат „Промените продолжуваат“ на Кирил Петков заедно со БСП и „Демократска Бугарија од една страна, и ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов заедно со ДПС и популистичката Взраждане.
Вака поставени работите Бојко Борисов би требало да ја формира новата бугарска влада, бидејќи во таков состав би имал 123 пратеници, доволно со тенко мнозинство во Народното собрание. Но, ваква влада е повеќе математички можна, отколку политички, особено поради имиџот на ДПС. Петков не би можел да ја формира новата влада бидејќи неговата коалиција би имала само 97 пратеници, кои не се доволни за мнозинство во парламентот.
Меѓутоа, бугарските медиуми веќе споменуваат и нова коалиција која би можела да се појави по ваквите резултати на изборите. Широка коалиција на двете најголеми партии во Бугарија, ГЕРБ-СДС на Борисов, заедно со „Промените продолжуваат“ на Кирил Петков и „Демократска Бугарија. Оваа коалиција би имала 130 мандати. Петков изјавуваше дека не би коалицирал со ГЕРБ додека на нејзино чело е Борисов.
Дека резултатите ќе бидат такви што формирањето на стабилна влада ќе биде исклучително тешко, предупредуваше и бугарската експертска јавност. По се изгледа, ниту идниот бугарски парламент нема да има мандат од четири години.