Конечно стабилна влада која ќе ја води Бугарија напред. Ова е главното очекување на бугарските граѓани кои денеска гласаа во Амбасадата во Скопје.
Се надеваат дека четвртото гласање во последните година и половина ќе ја извлече Бугарија од политичката криза во која повторно западна земјата, откако ова лето беше изгласана недоверба на Владата на премиерот Кирил Петков.
Според последните анкети во водство е партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, во чие време Македонија доби вето од Бугарија.
„Тој не водеше добра политика, не напарви ништо за меѓусебните односи…”
Од бугарската Амбасада во Скопје велат дека денот минува без проблеми и дека има голем интерес за гласање.
Од Амбасадата дополнија дека бугарските граѓани можат да гласаат иако не се регистрирале, со тоа што ќе треба да пополнат декларација со која ќе потврдат дека досега не го дале, ниту пак ќе го дадат својот глас на друго место.
Покрај во Скопје, Бугарите од земјава гласаат уште во шест града, односно во Битола, Охрид, Велес, Кавадарци, Прилеп и во Струмица.
Според последниот попис, во земјава живеат 3 054 Бугари, покрај тврдењата на бугарските политичари дека тој број изнесува над 100 илјади.
Бугарската изборна комисија објави дека официјално во Македонија за гласање се пријавиле 181 граѓанин, најмногу од нив во Прилеп и во Кавадарци.