„Јас, Димитар Ковачевски, од самиот почеток како премиер ветив дека ќе ја зборам само вистината, директно, цело време! Во 2000-тата година согласно сите законски процедури, базирани на Законот за одбрана од 1992 година, член 51 и во рамки на јавна, повеќестепена процедура, врз основа на мислење на стручни лица-доктори на медицина, а заради мој здравствен, абдоменален проблем, со кој сеуште се соочувам, се регистрираше мојата неможност за служење на воената обврска. Не јас самиот, не моето семејство, туку непознати за мене лица, во регрутните комисии констатирале таков факт! И тоа во 2000-тата година, пред да се случи воениот конфликт и криза во 2001 година!“ рече денеска од собраниска говорница премиерот Димитар Ковачевски.
Тој рече „оваа група овде на опозицијата и претходниот говорник како нивен предводник, а под налог на неговиот налогодавач, во последно време имаат голем, многу голем проблем! Бидејќи се лопови, криминалци, неработници, насилници, кодоши! Бидејќи се растураат внатре помеѓу себе заради делење на пари и тендери, како овој последниот од 136 милиони евра! Како што цело раководство им е осудено на десетици години затвор за криминал!“.
„Човек кој додека бил во АРМ кодошел, крадел документи, навредувал колешки и колеги, издавал информации, тргувал со нив со разни интерни и странски структури! Човек кој бил казнуван и санкциониран! Човек кој ми го спомнува мојот драг покоен роднина кој го заврши својот живот заради трагичната и прерана загуба на своите најмили, своите две деца! Бог да ги прости. Човек кој што му бил колега, којшто го споменува и бил именуван од Пауновски од ВМРО-ДПМНЕ. Човек кој ја срамел Армијата, работел против својата држава за пари и за интереси на странски и домашни разузнавачко-бизнис структури!“ рече премиерот за Драган Ковачки, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.