Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека Македонија нема да ги признае резултатите од референдумите во четири украински региони за приклучување кон Русија.
Тој додаде дека е важно Украина да победи во војната со Русија, која преку манипулативни референдуми сака да си обезбеди алиби за анектирање на украинска територија.
„Важно е Украина да победи во оваа војна, а Република Северна Македонија нема да признае манипулативни референдуми. Тие се манипулативни за да имаат алиби за своеволно анектирање на туѓи територии“ – кажа Османи на брифинг со новинарите во МНР.
Референдуми за приклучување кон Русија се одржуваат во регионите Донецк, Луханск, Запорожје и Херсон.
„Важно е да се зборува за кршењето на меѓународното право со воената агресија на Русија врз Украина, зашто нас малите земји нè штити тоа право. Што ако утре на секој голем сосед му текне да нападне помала земја и да си земе територија?” – рече Османи.