Учениците од Општина Аеродром ќе присуствуваат на настава со физичко присуство – објави градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на својата Фејсбук страница.
Тој потенцираше дека образовниот процес не смее да биде загрозен, а наставата е неопходно да се одвива со физичко присуство, без разлика на како што рече, опструкциите од централната власт.
„И покрај немањето слух од нивна страна за проблемите со кои се соочува секоја локална самоуправа, а што е докажано преку намалените дотации и трансфери во време на криза, Општина Аеродром останува цврсто на ставот дека затворањето на основните училишта би било од огромна штета на учениците и целиот образовен процес. Општина Аеродром ќе ги преземе сите неопходни чекори со цел младите да можат да посетуваат редовна настава и да не се загрози образованиот процес, вклучително и преземање на целиот товар кој ќе произлезе од трошоците за обезбедување на настава со физичко присуство“ – напиша Муцунски.
Додава дека општината во однос на енергетската криза, презема голем број чекори за намалување на ефектите од истата и ударот врз буџетот.
„Потсетуваме дека веќе презедовме сериозни мерки за штедење електрична енергија. Сите основни училишта беа опремени со фотоволтаици со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците, а неколку училишта добија енергетски ефикасни фасади. Учениците и непреченото одвивање на наставата со физичко присуство се наш врвен приоритет, а Општина Аеродром останува цврсто посветена во обезбедувањето соодветни услови за настава и згрижување на најмладите“ заклучи Муцунски.