Џорџа Мелони (45) веројатно ќе стане првата жена премиер на Италија и ќе ја предводи најдесничарската влада од Втората светска војна.
Според привремените резултати, десничарскиот блок предводен од Браќата на Италија, партијата предводена од Мелони, треба да има убедливо мнозинство во двата дома на италијанскиот парламент.
Во коалицијата влегуваат и Форца Италија, на чело со Силвио Берлускони и екстремно десничарската партија Лига. Мелони успешно ја ребрендираше својата партија Браќа на Италија во доминантна конзервативна сила во земјата без целосно да ги избрише нејзините постфашистички корени.
Новата миленичка на италијанската десница го сумираше својот личен бренд во сега познатата тирада на релито 2019 година, која стана вирална откако беше ремиксирана во песна.
„Јас сум Џорџа, јас сум жена, јас сум мајка, јас сум Италијанка, јас сум христијанка. Никој нема да ми го одземе тоа“ – им рече Мелони на приврзаниците во центарот на Рим.
Таа фраза стана лајтмотив на политичкото издигнување на Мелони од лидерот на маргиналната партија со корени во италијанската неофашистичка десница до следниот премиер.
„Бог, земја и семејство“ е слоганот под кој Мелони водеше кампања, а тоа е слоган што го користеа фашистите.
Мелони порасна во римската Гарбатела, работничка населба со силна левичарска традиција.
Во 1992 година, на 15-годишна возраст, Мелони се приклучи на сега веќе непостоечкото националистичко италијанско социјално движење „Movimento Sociale Italiano“.
Мелони имаше 19 години кога странските медиуми за првпат ја интервјуираа додека водеше кампања во нејзиниот роден Рим. Тогаш таа им кажа на француските новинари дека „Бенито Мусолини бил добар политичар, бидејќи сè што правел, правел за Италија“.
Подоцна ќе го промени својот тон, велејќи дека диктаторот направил „грешки“.
Од основањето на Браќата од Италија, Мелони се искачи на врвот на партијата.
За време на кампањата Мелони изјави дека е подготвена да ја преземе владата и да се бори со проблемите со инфлацијата и енергетската криза. На изборите во 2018 година, нејзината партија, основана од приврзаниците на Мусолини, доби само четири отсто од гласовите.
Партијата „Браќата на Италија“ е основана во 2012 година за да го продолжи наследството и духот на екстремната десница во Италија.
До неодамна, нејзините идеолошки примери го вклучуваа и рускиот Владимир Путин, кого таа го пофали за „одбраната на европските вредности и христијанскиот идентитет“ во нејзината книга „Јас сум Џорџа“ од 2021 година.
Но, оттогаш таа се дистанцира од рускиот претседател, недвосмислено осудувајќи ја неговата инвазија на Украина и поддржувајќи ги западните санкции против Москва. Мелони и нејзината партија се против абортусот и истополовите бракови и против мигрантите.
Иако Мелони тврди дека нема да го укине италијанскиот закон за абортус, Браќата од Италија веќе ја ограничија неговата примена во регионите контролирани од партијата. Мелони ги минимизира постфашистичките корени на партијата и ја претставува како мејнстрим политичка групација како британските конзервативци.
Минатиот месец, Мелони сними видео порака на три јазици за да ги увери италијанските партнери дека ќе се придржува до традиционалните сојузи на Рим, вклучително и НАТО. Таа ги отфрли тврдењата дека нејзината екстремно десничарска партија со неофашистички корени ќе води авторитарна влада.
„Ние жестоко се спротивставуваме на секој антидемократски потег, но тоа не го наоѓаме во италијанската и европската левица. Италијанската десница со децении недвосмислено го осудува задушувањето на демократијата и срамните антиеврејски закони“, рече Мелони во пораката испратена. за странски медиуми на англиски, француски и шпански.
За време на нејзиниот победнички говор вчера, Мелони имаше помирувачки тон.
„Ако сме повикани да управуваме со оваа земја, ќе го направиме тоа за сите Италијанци со цел да ги обединиме луѓето и да се фокусираме на она што не обединува, а не на она што не разделува. Време е за одговорност“ – рече таа.