Општините кројат планови како да се штеди струја

Ќе се гаснат уличните светла, ќе се реорганизира работното време во институциите кога е најстудено, ќе се внимава на секој потрошен киловат час електрична енергија. Локалните самоуправи кројат планови како да заштедат струја, откако добија трипати повисоки сметки од минатата година, објави Телма.

Телевизијата има изјава од тетовскиот градоначалник кој вели дека ќе ги почитуваат владините мерки за штедење, а за да се заштитат од ценовните удари ќе се формира јавно претпријатие за менаџирање на јавното осветлување.

„Во рамките на ЗЕЛС имавме информација дека ЕВН ќе прифати доколку ги исполниме законските услови, да влеземе во регулираната цена затоа што сега пазарната цена е десетпати повисока, претпријатијата не можат да се носат со тие трошоци, така што ќе предложиме до советот да се формира претпријатие кое ќе менаџира со јавното осветлување“ вели градоначалникот на Тетово, Билал Касами.

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари вели дека сите директори добиле насоки да се заштети што повеќе електрична енергија, се со цел сметките да се што помали.

„Идејата е можеби кога ќе биде најладно, тој период да предложиме 6-часовно работно време. За училиштата веќе се дадени препораки и насоки, спортските сали да не се користат, часовите по физичко да се одржат со теоретска настава во училниците, по ходниците да не се пушта осветлување и затоплување“ вели тој.

Градоначачникот на Кочани, пак, смета дека проблемот со високи сметки на јавните претпријатија не може да се реши само со штедење, туку треба државата да помогне.

„Мора системски со одлука на државата во надминување на овој проблем, не можеме да се водиме од бизнис логиката“ вели Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.