„Серијата на ужасни лични трагедии и колективни трауми на нацијата треба конечно да ја разбудат совеста во македонското општество и одговорноста на надлежните институции, затоа што нема ништо повредно од човечкиот живот и ништо понеправедно ако губењето на тој живот е поради човечки фактор, системски пропусти или прекршени правила.
Членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Следната голема реформа која е веќе во тек во западните системи на областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето е заради подобро соочување со хибридните и кибер/сајбер закани, и со нивниот најистурен аспект, дезинформациите.
Пандемијата ни покажа колкава може да биде моќта на дезинформациите врз јавното мислење. Наспроти сите егзактни статистички показатели кои докажуваат дека помошта во медицинска опрема и вакцини од Европската Унија и на билатерална основа од десетина членки на западната алијанса е убедливо најголема, генералната перцепција меѓу граѓаните е дека западниот Балкан беше заборавен од нашите сојузници. Верувам дека наш национален интерес е, час поскоро, на системски начин, да почнеме да ја унапредуваме медиумската писменост на граѓаните, особено на младите во основните и средните училишта. Тие дигитални генерации се деца на глобализацијата, пораснати се на интернет, и за да не станат први жртви на дезинформациите треба да знаат самите да ги препознаваат. Во спротивно, самопрогласените пророци на социјалните мрежи ќе ја добијат битката со најголемите светски умови и ќе натераат многу наши граѓани да веруваат во конспиративните теории, наместо во науката и здравиот разум.
Откако нашиот пат кон Европската унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.
Инаку, од почетокот на бугарската блокада, до денес, се залагам за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.
Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид.
Од неодамна, таму имаме нова Влада и претседател со нов мандат кои испраќаат и поинаку интонирани пораки.
Со дел од нив сум целосно согласен. Имено, акцентот во нашите односи да го пренесеме, од минатото во сегашноста и наместо за етничките чувства на луѓето од пред 10 векови, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување и, на пример, за коридорот 8 кој никогаш не стана конкурентен на коридорот 10, се разбира, на штета и на македонските и на бугарските национални интереси.
Децениските оспорувања на нашиот идентитет, нè натераа да се свртиме повеќе кон заштитата и промоцијата на националното културно наследство. Меѓутоа, во транзицијата, за жал, надвладеа вулгарниот нео-либерален концепт на тотална комерцијализација и во сферата на културата што во суштина задуши многу креативни акции на умот.
Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог. Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен. Ние имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет.
Иако не спаѓа во моите надлежности, ќе ми дозволите, сосема кусо да го прокоментирам повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого во изминативе десет години заедно биевме битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права. Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата.
Сакале или не, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот. Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето.
Малкумина останавме да живееме во татковината, поделени сме по многу основи, и нови делби се последната работа која смееме да си ја дозволиме.
Да ви посакам во 2022-та да имате здравје вие и вашите најблиски и конечно да ги оставиме зад себе разговорите за вакцини, маски, карантини, изолација едни од други“ рече меѓудругото македонскиот Претседател – Стево Пендаровски, на годишното обраќање во Собранието.