Во Италија утре се одржуваат парламентарни избори кои би можеле да донесат победа на десничарската коалиција и првата жена на чело на италијанската Влада.
Меѓу главните кандидати се издвојуваат многу имиња, од трикратниот премиер Силвио Берлускони до лидерот на екстремната десница на опозицијата Џорџиа Мелони, која е во водство според анкетите на јавното мислење, јавува „Би-Би-Си“.
Нејзината партија Браќа на Италија, која доживеа метеорски пораст на популарноста од изборите во 2018 година кога освои нешто повеќе од четири отсто од гласовите, е дел од десничарскиот сојуз кој вклучува и партии: Лигата, предводена од Матео Салвини, Форца Италија на Силвио Берлускони и уште еден помал коалициски партнер.
Поранешниот премиер Берлускони, кој основаше своја партија и ја нарече Форца Италија по навивањето на фудбалските стадиони, на 86-годишна возраст, која ќе ја има за неколку дена, а со падот на популарноста на партијата во последните години, не сака да освои четврти мандат, но се надева на место во Сенатот.
Тој вети дека ќе изврши умерено влијание врз двете најголеми партии во десничарскиот сојуз, партијата Браќата на Италија на Џорџиа Мелони и Лигата на Салвини. Победата на браќата од Италија на изборите може да доведе до тоа Мелони да стане првата жена премиер на Италија.
Таа, исто така, ќе биде првиот лидер на екстремната десница на власт откако Бенито Мусолини дојде на власт во Италија пред 100 години.
Нивниот главен изборен ривал е поранешниот премиер Енрико Лета, 56-годишниот лидер на Демократската партија, главната централно-левичарска сила во Италија.
Предвремените избори доаѓаат по оставката на премиерот Марио Драги во јули, откако тој не успеа да ја обедини распаднатата политичка коалиција, а аналитичарите велат дека друга причина за порастот на популарноста на Мелони е нејзината одлука да не учествува во широката коалиција на Драги.
На крајот на кампањата во Италија доминираа дискусии за Европската унија и војната на Русија во Украина, но гласачите најмногу ги загрижува зголемувањето на цената на енергенсите, во време кога владата на национално единство во заминување на Драги вети 66 милијарди евра како помош за италијанските граѓани, јави Би-Би-Си.
Политиката што ја нуди Џорџиа Мелони е конзервативна, нејзината партија се противи на геј браковите и ги промовира традиционалните семејни вредности.
Кога станува збор за Европа, партијата „Браќа од Италија“ се откажа од своето противење на еврото, но е за реформирање на Европската унија за да биде помалку бирократска и помалку влијателна врз домашната политика.
Мелони, исто така, тврди дека ја ослободила партијата од фашистичките елементи и дека италијанската десница „го предаде фашизмот во историјата со децении“.