Прогласена вонредна состојба на Флорида поради засилување на тропската бура „Јан“

Гувернерот на американската сојузна држава Флорида, Рон Де Сантис денеска прогласи вонредна состојба во 24 окрузи, поради зајакнувањето на тропската бура „Јан“, која се наоѓа над Карибите и стравува дека ќе донесе обилни дождови и силен ветер во Флорида следната недела.

Де Сантис им порача на жителите на Флорида и на локалните власти да се подготват додека се приближува бурата и побара од федералните власти да прогласат вонредна состојба, пренесува „АП“.

Националниот центар за урагани предвидува дека тропската бура „Јан“ ќе се движи низ западна Куба и ќе се приближи до Флорида на почетокот на следната недела со јачина на ураган.