Најмалку седум лица загинаа, а десетици возила се однесени од поројните дождови по катастрофалните поплави што го погодија италијанскиот регион Марке, објавија италијанските медиуми.
Уште три лица се водат како исчезнати по обилните дождови и поплавите што го погодија овој дел од земјата.
Локалните власти соопштија дека не очекувале ваква ненадејна „водена бомба“, а околу 400 мм дожд паднале во рок од два до три часа, што донело големи проблеми на улиците во неколку градови, пренесува Ројтерс.
Дете е меѓу исчезнатите во градот Барбара, пренесува La Stampa. Момчето било со мајка си во автомобил кој се заглавил во водата. Според медиумите, мајката успеала да излезе од возилото со детето во раце, но во еден момент го изгубила. Спасувачите успеале да стигнат до неа и да ја спасат во текот на ноќта, но од детето немало трага.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат луѓе до половината во вода, додека возилата беа поплавени околу нив.
На снимката објавена од пожарникарите се гледа како спасувачите на улиците се обидуваат да спасат луѓе и да ги евакуираат, додека други се обидуваат да го исчистат хаосот предизвикан од поплавите.
Спасувачите се уште трагаат по преживеани, соопштија властите.
Поплавите што го погодија регионот Марке се дел од бранот бури што ја погоди земјата, објави Анса.
И други делови од Италија се соочуваат со бури, како Тоскана, Ломбардија и други.