Претседателот на Собранието Џафери присуствуваше на доделувањето на Орден „8 Септември” по повод Денот на независноста

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска, на покана на претседателот на Републиката, Стево Пендаровски, присуствуваше на церемонијата на доделување на Орден „8 Септември”, по повод одбележувањето на 8 Септември, Денот на независноста.

Орденот се доделува за вонредни заслуги на личности и државни органи во конституирањето и изградбата на Републиката, за придонесот во воспоставувањето, развивањето и зацврстувањето на пријателските односи и мирољубивата меѓународна соработка и афирмација, меѓунационалните односи, безбедноста, одбраната и заштитата како и за исклучителниот придонес за јакнење на меѓународната положба и углед на државата. Спортот, несомнено е огромен промотор на нашата Република Северна Македонија и со право, добитници на годинешниот Орден „8 Септември” се олимпијците Шабан Трстена и Дејан Георгиевски и параолимпијците Оливера Наковска Бикова и Бранимир Јовановски.

Претседателот Џафери упати честитки до добитниците од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и во свое лично име, со желби нивниот ентузијазам, нивното дело и успеси да бидат мотивација и за актуелните и следните генерации спортисти.